Осмомартовска балада
март 8, 2010 од Дарјан
Вратата се затвори со трескот во петнаесет до седум. Во седум таа веќе лежеше меѓу капутите во ходникот со потечен образ.
Во меѓувреме тој и посака среќен осми март, таа се пожали што го немаше до вечерта, а тој рече дека и поготвувал изненадување за утредента. Малку подоцна таа го фати како и буричка во капутот и од џебот го вади паричникот. Се обиде да му го извлече од рацете но тој ја оттурна и почна да објаснува дека слушнал за наместен натпревар во кладилницата, дека добивката е сигурна, а коефициентот мошне висок – четири и педесет. Тоа значеше дека за две илјади денари ќе добијат девет и утредента ќе ја носи на вечера во ексклузивен ресторан. „Да се чуствуваш како вистинска госпоѓа за осми март“. Но таа го немаше платено кредитот, а и на децата требаше да им се купи облека. „Како партали одат на училиште, срамота е од луѓето“. Тоа и се последни пари, ќе нема дури ни да им остави за доручек во понеделник. „Гладни ли да ги пуштам на училиште“. Таа се зададе уште еднаш по паричникот, овој пат погрубо, но доби силна шлаканица и падна заедно со капутите.
Плачеше долго, а тој ја правдаше својата постапка со нејзината неразумност. „Среќа што децата се кај вујко им на гости“, си велеше таа. Тоа беа некои чудни механизми кои помагаа да се извади реми со животот. Секогаш мораше да се најде „среќа“ во несреќата. Овој пат среќата беше отсуството на децата кои не ја видоа својата мајка како лежи потечена меѓу капутите во ходникот.
Вратата се затвори со трескот во седум и пол. Тој почуствува дека доволно се правдаше за да си ја смири совеста и излезе со двете богородици в рака, а таа остана да плаче уште долго. Малку се потсмири дури кога започна специјалното издание на едно од популарните телевизиски шоуа. Подоцна и се насмеа за миг, впрочем. Водителот навистина беше забавен.
За тоа време тој веќе беше стигнал да купи цвеќе, да ја земе партнерката и да нарача евтино мезе во затскриената биртија. А партнерката не беше онолку убава колку што покажуваше изразот на неговото лице, но беше млада и скоро офарбана во силно плаво, па тоа беше доволно да предизвика завидливи погледи од редовните гости на биртијата и тој беше мошне задоволен поради тоа. Само одвреме на време на дното од чашата, додека ја пиеше последната голтка шприцер, му се покажуваше некое чудно лице, лице што некогаш одамна го познавал а сега само нејасно се сеќава на него, и тогаш пијалокот некако му загорчуваше. Но, не беше прв пат и не беше толку лошо, сепак. Можеше да сврти на ракија, впрочем, ако загусти. Вака, доволен беше нејзиниот бут и чувството на мазни женски чорапи под раката.
Од сметката останаа доволно пари да одговори на барањето на партнерката за мал заем. „Фала ти, срцко, ќе ти ги вратам“. Кога се разделуваа го бакна долго и сочно.
На огледалото во лифтот ја смируваше разбушавената разретчена коса. Во раката носеше пластична вазна со вештачко цвеќе – награда на партнерката од скромната лотарија во биртијата. „Срамота е дама како тебе да носи дома ваков кич, остави го, ќе го фрлам на враќање“.
Беше речиси еден кога вратата нежно се затвори. Таа беше заспала на каучот, покриена со ќебе преку нозете. Светлото беше изгаснато, но телевизорот се уште гореше. Тој го исклучи, и таа се разбуди со оној природен рефлекс на луѓето кои заспиваат со вклучен телевизор. „Среќен осми март“. Во темницата вештачкото цвеќе и не делуваше толку грдо. Како некоја сетна гордост да извираше од него. И за најгрдите работи постои совршено опкружување во кое умеат да заблескаат. „Уште ли си ми лута?“. Праша и за децата. Беа останале на спиење, утредента секако не беа на училиште. Неговите усни се искривија во насмевка а главата благо ја наклони во лево. Сега тој имаше цел репертоар на нежности, и таа го знаеше тоа. И знаеше добро што следува, само не знаеше дали повеќе и се гади од самиот чин или од неговото пијано лице во очајнички грчеви кои требаше да претставуваат заводнички поглед. Реши да не дава отпор. И онака завршуваше бргу кога беше пијан. Среќа. „Пак си пијан“. Тој веќе бревташе над неа и немаше време да одговори.
После долго време спиеја во ист кревет. Беа и гушнати, впрочем, но само на неколку минути, а потоа тој се сврте на другата страна и ја повлече прекривката со себе. Таа мораше да го подбуцне за да ја врати прекривката назад бидејќи тој веќе ја имаше налегнато, па го искористи мигот кога виде дека очите му се отворени и го запраша за натпреварот. „Утакмицата? Ма примија гол во последната минута, ненормални. Инфаркт ќе ме удреше.“ Таа рече дека знаела што ќе се случи и повторно помисли на децата, а тој ја замоли да прекине и да го остави да спие. Неговото `рчење беше неподносливо. Ја пружи раката по шишенцето со апчиња за спиење. „Среќа што ја сокрив онаа илјадарка во плакарот зад алиштата“, помисли и ги затвори очите обидувајќи се да заспие уште долго во ноќта.
тажно, толку тажно…:(
тажно но прилично реално.
а сепак, преубаво раскажано и доловено.
секоја чест.
Никој не треба да остане во таков брак никој. Жално но реално и преубаво раскажано Поздрав
две богородици за само еен сочен бакнеж!?
ма све бих то на вешала, матер им шовинистичка…
Стварно знаеш да разбуричкаш, тука во душава. И да подголтнувам, а грутката да стои.